Ако некогаш сте помислиле да ја откриете Македонија на поинаков начин, да и го видите лицето и да проникнете во нејзината душа, време е да го посетите североисточниот регион!
Притоа, не дозволувајте оваа средба, оваа авантура да ја направите во трк. При оваа посета застанете, размислете, земете здив и соочете се со исконот на пределот, неговите приказни и легенди, видете ги ѕвездите одблиску, сретнете се со духот на предците, со мистиката и хероизмот на луѓето од овие предели и пробајте ги вкусовите на регионот. Наслушнете го времето кое надоаѓа кое е во нераскинлива врска со традицијата на предците од овие места. Тука сегашноста е само еден мост кој ги спојува времето минато и времето идно. Застанете на него и погледнете наоколу.
Дојдете во Североистокот на Македонија! Имате најмалку пет причини да го направите тоа!
До Североисточниот плански регион (СИПР) може да се дојде користејќи било каков вид на транспорт. Инфраструктурно тој е одлично поврзан со соседните региони во државата и со прекуграничните региони во Србија и Бугарија. За сообраќајна поврзаност со соседите, и други области, денес поголемо значење има Моравско-вардарската долина по која минува железничка линија и асфалтиран автомобилски пат, кој на делот јужно од Куманово е изграден како современ автопат. Преку овој пат Куманово на југ има добра сообраќајна поврзаност со Скопје и долината на Вардар, а на север со Јужно-моравскиот регион. Во напореден правец и денеска се користат два патни правци. Едниот од нив оди, главно, по долината на Крива Река, кон Крива Паланка и соседната Бугарија. На овој патен правец во поголем дел е изграден современ магистрален автомобилски пат, а со довршување на изградбата на железничката линија до границата со Бугарија ќе се овозможи полесно и побрзо поврзување со неа. Од овој патен правец кај с. Страцин се одделува еден крак кој овозможува сообраќајна поврзаност со Кратово. Вториот патен правец оди на југоисток и преку Овче Поле се одржуваат врски со источна Македонија. По долината на реката Пчиња Куманово се поврзува со Трговишката област и сообраќајниците по долината на Јужна Морава.
Во било кој период од годината до СИПР можете да стигнете:
Со воз: Низ регионот врви железничка линија СКОПЈЕ - КУМАНОВО - ТАБАНОВЦЕ со попатни станици во помалите населени места. Железничките линии се редовни и непроменливи во текот на целата година. За подетални информации околу возниот ред www.mz.com.mk
Со автобус: Низ СИПР циркулираат голем број автобуски линии кои поврзуваат соседни градови, села и населени места. Во СИПР со автобус секојдневно се пренесуваат патници од Македонија и од држави надвор од неа. Автобуси линии водат кон секој град во државата и обратно, од секој град во Македонија кон населените места во СИПР. Автобуската мрежа е високо развиена и целосно одговара на потребите на патниците.
Со автомобил: Патната инфраструктура во СИПР е модерна и одговара на потребите на модерниот човек кој постојано е во движење. Патната мрежа низ СИПР е комплексна и ги поврзува сите населени места кои се дел од оваа територија. Руралните средини кои се честа дестинација на љубителите на руралниот туризам, се исто така поврзани со урбаните населени места преку локални и регионални патни правци.
Со авион: Туристите кои доаѓаат во СИПР ги користат услугите на Скопскиот аеродром Александар Велики, кој од Куманово е оддалечен не повеќе од 25км. а потоа со комбиниран превоз најчесто користејќи автобус стасуваат до саканите дестинации во СИПР.
|